Конференција - Охрид

Започна годишната конференција на Македонската берза

20.09.2024 13:27

Во Охрид се одржува 23-та годишна Конференција на Македонската берза на која учество зедоа експерти од земјава и странство. Се разговара за домашните инвеститори, односно како тие се позиционирани на домашниот пазар на капитал, а ќе стане збор и за отсуството на македонските компании на македонската берза ...

Македонската берза во првата половина од годинава работеше успешно. Класичното тргување со акции споредено со истиот период лани бележи зголемување од 94 проценти, исто така тргувањето со државни хартии од вредност има зголемување од 91 процент, додека пак Македонскиот берзански индекс МБИ-10 е повисок за 34,85 проценти.

Еден од најголемите предизвици на Македонската берза е привлекувањето на домашните компании. Инвеститори има, но домашните компании како да не го препознаваат потенцијалот за развој.

Според одредени експерти, компаниите како да не ги согледуваат потенцијалите поради што досега немало реална, вистинска трансформација и ѝ интерес тие да излезат на пазарот.

„Она што на некој начин е дежурна тема во рамки на дискусиите за развој на пазар на капитал, тоа е дека сè уште оперираме со истите финансиски инструменти, акции креирани во процесот на приватизацијата. Нема нови котации, нема нови иницијални јавни понуди, но тоа не е состојба само на Македонска берза, тоа е една болка на целиот регион, ако сакате и на цела Европа, кога ќе ја споредите со САД“, изјави Иван Штеријев-главен извршен директор на Македонска берза.

Според Штериев причината за тоа е некој вид аверзија да се дозволи мешање во сопственичките структури од една страна, и од друга што е позитивно за економијата и лесниот пристап до банкарско кредитирање, меѓутоа и недоволното познавање на оваа сложена проблематика.

 

Сашо Нелоски