Кривичен суд

Почна судењето за двојното убиство, обвинетите негираат вина

20.09.2024 13:16

Во Кривичниот суд во Скопје почна судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски. Процесот останува отворен за јавноста, тие негираат вина …

Љупчо Палевски седна на обвинителна клупа. Во Кривичниот суд во Скопје почна судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски. Обвинителството ги гони дека заедно го испланирале грабнување на 14-годишното девојче, за да присилат член на нејзиното семејство да им даде пари. Обвинетите негираат вина.

Палевски рече дека е невин за делото за кое се товари, убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Пред судот кажа дека ова е политички монтиран процес и дека тој воопшто не се познава со таткото на Вања.

Адвокатот на таткото на Вања, Владимир Туфегџиќ, по судењето изјави дека обвинението се темели токму на доказите кои ги прибавил Александар.

„Сведоци сте дека обвинението се темели токму на доказите кои ги прибавил Александар и тоа со знаење и со согласност на полициските службеници за кои и јас како бранител барам да бидат испитани и да видиме како и на кој начин ја воделе постапката, а тврдам, и тоа не паушално, туку врз основа на она на што се темели науката и основните принципи, дека ова не е водено онака како што треба“, изјави адвокатот Туфегџиќ.

Од Обвинителството рекоа дека со докази ќе го докажат сето наведено во обвинението. Наведоа и дека располагаат со листинзи за разговори и пораки кои ќе докажат дека обвинетите долг период се договарале меѓу себе.

Од Кривичниот суд известува Викторија Милевска