МОН: Средношколци од 15 средни училишта ќе се дружат со ученици од партнерски училишта од Западен Балкан
Шемата за размена на суперучилишта е кофинансирана од Европската Унија и Германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој а имплементирана од Регионалната канцеларија за младинска соработка RYCO Германското друштво за меѓународна соработка GIZ...

Петнаесет средни училишта од Македонија се вклучени во спроведувањето на новиот циклус на Проектот за размена на суперучилишта за Западен Балкан, заедно со нивните партнерски училишта од регионот. Поздравувајќи ги учесниците на настанот каде беа претставени наградените проекти за оваа учебна година, министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека создавањето силни врски меѓу средните училишта во регионот ја промовира благородната идеја за заедништво меѓу младите, ги поттикнува да ги рушат предрасудите заменувајќи ги со доверба и со градење партнерство со различните од себе.
„Не сум сигурна дека светот што ние возрасните им го нудиме за живот на децата и младите е доволно исполнет со доверба, пријателство, единство и еднаквост. Но затоа пак, овие 15 проекти јасно покажуваат дека младите знаат да се поврзуваат и покрај различностите, а од предизвиците умеат да создаваат можности за соработка“, нагласи Јаневска.
Шемата за размена на суперучилишта е кофинансирана од Европската Унија и Германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој а имплементирана од Регионалната канцеларија за младинска соработка RYCO Германското друштво за меѓународна соработка GIZ.
Министерката Јаневска укажа дека оваа Програма за училишна размена помага во градењето толеранција, емпатија, дијалог, соработка, ненасилство, инклузивност кај младите и затоа дружењето на средношколци од различни држави не е само споделување на размислувања, желби и стравувања туку е и основа за градење помирна и постабилна иднина на овие простори. Во оваа насока, Јаневска посочи дека е неопходно системски, преку образованието да влијаеме врз децата и младите но и дека е значајна поддршката како од граѓанскиот сектор така и од меѓународната заедница.
