Мицкоски: Иднината на Македонија е во европското семејство
Иднината на Македонија е во европското семејство – премиерот Мицкоски вели дека во Брисел ги претставил нашите позиции, земјава не прифаќа нови ултиматуми. Брисел повика да се спроведат обврските од минатото …

Оваа македонска влада нема намера да прифаќа ултиматуми за преговори со ЕУ. Направивме многу компромиси, но ако ЕУ навистина има желба да не прими, тоа може да го направи, вели премиерот Мицкоски по средбите со европските претставници во Брисел.
Северна Македонија да ги спроведе преземените обврски, да ги спроведе правно-обврзувачките договори и решително да продолжи со реформите на патот кон ЕУ, повика претседавачот на Европскиот совет, Шарл Мишел по средбата со македонскиот премиер.
Северна Македонија има вистинска можност да напредува на патот кон ЕУ и да влезе во нашето семејство, напиша Мишел.
Уставни измени се неопходни за почетокот на отворање на поглавја во преговорите со ЕУ. Модалитетот како до исполнување на овој услов останува отворен, оти не е јасно дефиниран, па оттаму е можен и предлогот од македонските власти за уставни промени со одложено дејство, вели претседателот од Институтот за демократија, Марко Трошановски за МТВ.
Одложувањето на преговорите по поглавја ќе влијае деморализирачки за спроведување на реформите и дестабилизирачки во државата, оценуваат од Институтот.
Ирина Гелевска
