Кривичен суд

Почна судењето за двојното убиство, обвинетите не чувствуваат вина

20.09.2024 15:11

Љупчо Палевски седна на обвинителна клупа. Почна судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски. Обвинетите не чувствуваат вина...

Петмината обвинети за убиството и грабнувањето на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се изјаснија за невини. Со воведните излагања, почна судењето за случајот кој ја потресе Македонија, а во кој првообвинет е Љупчо Палевски – Палчо. Тој пред судот тврдеше дека не е убиец, туку жртва. Процесот против него го нарече монтиран, бидејќи се темелел на исказ на еден од обвинетите. Тој рече дека не бил во Велес кога бил убиен Жежовски и оти негови ДНК-траги не се најдени во истрагата, за што рече ќе достави и докази.

Првообвинетиот Палевски вели дека не се познавал со таткото на Вања, Александар кого Обвинителството го товари дека кажал кога неговата ќерка ќе го напушти станот. Ѓорчевски го тврди истото, не го познавал Палевски и не им помогнал на обвинетите да ја грабнат Вања, туку напротив, почнал самостојна истрага и соработувал со полицијата.

Палевски тврди- не се познавал таткото Вања

Обвинителството во име на мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска побара јавноста да биде исклучена од главната расправа поради сериозни последици врз нејзиното и здравјето на нејзината втора ќерка. Судот го одби барањето и таа ќе биде сведок во предметот.

Обвинителството до детали објасни како биле грабнати и убиени Вања и Панче. Според ОЈО, обвинетите неколку дена претходно го планирале убиството. Откако Палевски го убил Жежовски, заедно со Боре Видевски, Влатко Кешишов, Велибор Манев го закопале и ја земеле неговата кола со која планирале да ја киднапираат Вања. Плановите им се разминале, па наместо во петок ја грабнале три дена подоцна, ставајќи ја во пластична вреќа, претходно врзувајќи ѝ ги рацете. Ја однеле на местото наречено „Дупки“ во скопска Бразда.

„По налог на Љупчо Палевски, Велибор Манев го извадил детето од гепекот, ја ставиле во претходно ископана дупка со димензии 180 на 80, со длабочина од 60 сантиметри, па со пиштол од 9 милиметри, обвинетиот Љупчо Палевски преку перниче испукал еден куршум во главата на Вања, кој ѝ нанел огнострелна повреда на мозокот“, стои во обвинението.

Во обвинението е наведено дека кај обвинетите немало чувство на каење и дека биле уверени дека нема да бидат откриени.

 

Викторија Милевска