Добрососедство

Заострена реторика меѓу Скопје и Софија, обвинувања кој е виновен за влошените односи

20.09.2024 16:16

Тензии на релација Скопје и Софија. Бугарскиот премиер Главчев смета дека тонот што го користи земјава не е во корист на нашето членство во ЕУ. За Мицкоски, реакциите на соседот се дел од предизборната реторика.

Заострена реторика меѓу Скопје и Софија и обвинувања кој е виновен за влошените односи меѓу двете земји. Тонот кој го користи Северна Македонија нема да и помогне да стане членка на Европската Унија, предупреди бугарскиот премиер.

„Го поддржуваме проширувањето и европските перспективи на земјите од Западен Балкан. Доволно компромиси направивме со националниот идентитет. Република Северна Македонија едноставно треба да ги исполни барањата на ЕУ“, изјави технички премиер на Бугарија, Димитар Главчев.

Десничарката „Преродба“ најави дека ќе поднесе декларација во тамошното Собрание и ја обвини нашата страна за саботажа против паневропските политики, меѓу кои е и Коридорот 8. Поради изјавата на македонскиот вицепремиер Николоски, европратеникот од ГЕРБ Андреј Ковачев бара Европската народна партија да ја исклучи ВМРО-ДПМНЕ. За Мицковски, ова е првоаприлска шега и предизборна реторика во Бугарија.

СДСМ бараа деескалација на односите меѓу двете страни.

Новите натегања во односите меѓу Скопје и Софија почнаа поради непоставувањето на македонското знаме за време на претседателската средба меѓу Сиљановска-Давкова и Радев, минатата недела во Софија, и особено по изјавата на вицепремиерот Николоски, кој рече дека домаќинот не е цивилизиран, ниту покажува почит.

 

Наташа Јанчиќ - Менковски