Љутков – Вречко: Конкретни инцијативи за унапредување на македонско-словенечката културна соработка
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска ја започна работната посета на Република Словенија со билатерална средба со министерката за култура, Аста Вречко, во Љубљана...
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска ја започна работната посета на Република Словенија со билатерална средба со министерката за култура, Аста Вречко, во Љубљана.
На средбата, министрите се согласија дека меѓу двете држави има одлични билатерални односи во сите општествени сфери, со акцент на економијата и културата.
Љутков и Вречко го отворија прашањето за културно-информативни центри во двете држави.
На денешната средба, министерот Љутков иницираше потпишување на нова програма за соработка во областа на културата меѓу двете министерства. Во наредниот период, Министерството за култура и туризам ќе изготви нацрт-текст на програма кој ќе биде формално-правна рамка преку која ќе се развиваат културните врски меѓу двете држави. На средбата стана збор и за унапредување на односите во областа на туризмот и придобивките што македонската страна може да ги има со споделените искуства со Словенија во оваа област.
Говорејќи за афирмативните односи меѓу двете држави, министерката Вречко го информираше македонскиот министер дека од неодамна во Словенија е усвоен закон со кој се унапредуваат правата на заедниците на другите народи, и со тоа и на македонската заедница, што ја манифестира грижата за Македонците што живеат во оваа држава.
Министерот Љутков ја покани својата колешка во октомври во Скопје, на претставувањето на словенечки театар во рамките на фестивалот на Регионалната унија на театри „Рута“, и воедно ја прифати поканата на Вречко за учество на министерскиот состанок во февруари следната година во Р Словенија, на кој ќе се утврдат следните активности на државите сукцесори за финализирање на концептот на заедничката постојана поставка во блокот 17 на Државниот музеј Аушвиц-Биркенау во Полска.
Министерот Љутков, посетата ја продолжува утре со работни средби со дијаспората во Р Словенија, а ќе се обрати и на промоцијата на книгата по повод стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов и ќе присуствува на концертот на НУ Ансамбл „Танец“, в недела, во „Цанкарјев дом“.