БЛИСКИ ИСТОК

Меѓународниот фактор повикува на итна деескалација

20.09.2024 17:49

Ескалира кризата на Блискиот Исток. Хезболах го ракетираше Израел по нападот од силите на Тел Авив во кој беа погодени 100 ракетни лансери. Меѓународната заедница бара итен прекин на огнот …

Ескалира состојбата на Блискиот Исток. Хезболах го погоди северот на Израел со 140 ракети. Групата поддржана од Иран соопшти дека цели на воени локации. Нападот доаѓа откако Израел во текот на ноќта гранатираше цели во јужен Либан, а војската соопшти дека ги напаѓале ракетните фрлачи на Хезболах. Во меѓувреме, поставена нова артилериска позиција во Голанската Висорамнина додека се зголемуваат тензиите на границата.

„Во изминатите неколку дена одржавме серија важни дискусии. Ова е нова фаза од војната, таа носи можности, но и значителни ризици. Хезболах чувствува дека е прогонуван и секвенцата на воени дејствија ќе продолжи“, изјави израелскиот министер за одбрана., Јоав Галант.

Вчера лидерот на Хезболах, Насрала, се закани со тешка одмазда и праведна казна по серијата напади со експлозиви поставени во комуникациски уреди чија цел била милитантната група со седиште во Либан.

Од Стејт департментот со став, важно е да се изнајде дипломатско решение со цел деескалација.

„Ние ќе продолжиме да стоиме зад правото на Израел да се брани, но не сакаме да видиме некоја страна да ескалира во овој конфликтен период. Ќе продолжиме да притискаме да се смират тензиите, ќе се обидеме да ги поттикнеме сите страни да деескалираат и ќе се обидеме да дојдеме до место каде што можеме да зборуваме за дипломатско решение“, изјави портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

Меѓународната заедница повикува на смиреност, францускиот претседател Макрон вети поддршка за Либан по депонирањето на стотици пејџери и воки-токи уреди.

„Ескалацијата не е во ничиј интерес, исто така, ние мораме да ги зачуваме интегритетот, безбедноста и суверенитетот на Либан“, рече францускиот претседател, Емануел Макрон.

Продолжува потрагата по виновникот за пејџерите и комуникациските уреди што експлодираа во Либан. Бугарска фирма не е поврзана со смртоносните уреди испратени на Хезболах, сопственикот е Норвежанец, не ни стапнал во Бугарија, тврдат од Софија.

„Компанијата е во сопственост на норвешки државјанин кој никогаш не стапнал во Бугарија. Тој постапувал преку адвокат, што е практика кога имаме такви компании. Може да се нарече, вид на фирма со поштенско сандаче за готовински текови“, изјави бугарскиот премиер, Димитар Главчев.

За новите напади на Блискиот Исток, од ООН велат дека немаат волшебно стапче за да ги запрат конфликтите, но ќе ги спроведат сите механизми за да му олеснат на цивилното население.

 

Маријана Димовска