По поразот од Германија, немири на улиците на Буенос Аирес
Незадоволството на аргентинските навивачите се прелеа на улиците на Буенос Аирес со бран насилства...

Еуфорична атмосфера во Рио по победата на германската репрезентација над Аргентина. Новиот светски шампион ги живее своите пет минути слава. Среќата на германските навивачи беше очигледна. Во Германија се танцуваше до зори, а забавата, освен со алкохол, збогатена и со добра пиротехника.
„Нашите момчиња одлично изиграа тука во Рио. Имавме одлична игра. Германија, Германија!“, вели германски навивач.
„Брилјантно е да бидеш светски шампион. Ова е сензационално, лудило. Бразилците слават со нас, тоа е одлично“, коментира друг германски навивач.
Поразените Аргентинци со наведнати глави го напуштија теренот. Незадоволството на навивачите се прелеа на улиците на Буенос Аирес со бран насилства. Полицијата со солзавец и гумени куршуми се обидуваше да ја смири разулавената толпа која кршела автомобили и прозорци.Билансот е повеќе од 70 повредени, меѓу кои и полицајци и триесетина приведени.
„Имавме повеќе шанси за гол од Германија, тие имаа една и успеаја да дадат гол,“ вели аргентински навивач.
„Двете екипи играа подеднаково добро, и едните и другите можеа да победат. Тоа беше добар натпревар, честитки за Германија“, вели друг аргентински навивач.
Сепак, во некои делови на Аргентина навивачите беа задоволни од освоеното второ место и го поддржаа својот фаворит Меси.
Марија Петковска
