Македонија

Охрид: Нов проект за водоснабдување со изворска вода

21.09.2024 11:41

Охрид конечно ќе го реши долгогодишниот проблем за водоснабдување со изворска вода по пат на гравитација. Проектот за искористување на Свињишките извори е во завршна фаза и се очекува да се реализира за околу три години. Вредноста на проектот е осум милиони евра и се очекува тој да биде поддржан од Владата, со што трошоците за електрична енергија ќе се намалат за повеќе од педесет проценти…

Намалувањето на обилноста на Летничките извори придонесе водоснабдувањето на Охрид главно да се врши преку пумпната станица во Метропол, со црпење вода од езерото. Овој начин на водоснабдување е прескап по драстичното зголемување на цените на електричната енергија, бидејќи трошоците за пумпање и препумпување се повисоки за 70 до 80 проценти. Поради ова општината и ЈП „Водовод“ изработуваат проект за зафаќање на вода од Свињишките извори и изградба на цевковод со должина од 25 километри, со што трајно ќе се реши водоснабдувањето на Охрид со изворска вода по гравитација.

„Проектот е некаде во завршна фаза, неговата моментална вредност е некаде околу 8 милиони евра, а се надевам дека со општината со помош на повиците што ги дава владата за аплицирање за инфраструктурни објекти да веќе до ’25 година со еден дел или една фаза ние ќе почнеме со тој проект“, изјави Марјан Ристески- директор на ЈП „Водовод“- Охрид.

Издашноста на Свињишките извори во најсушниот период е околу 250 литри во секунда што ќе придонесе за заштеда на електрична енергија, но и подобрување на квалитетот на водата за пиење.

„Ние очекуваме да некаде барем за 6 до 7 месеци да го користиме максимум тој извор. Во летниот период нема да биде таа вода доволна, ќе мора да обезбедуваме и од останатите, односно од постојните места за водоснабдување, така да некаде очекуваме барем повеќе од половина да се намалат трошоците за електрична енергија“, додава Ристески.

На Охрид за нормално водоснабдување во најголем дел од годината му се потребни 300 до 350 литри во секунда, но во летниот период поради удвојувањето на бројот на потрошувачите се неопходни 600 до 700 литри вода во секунда.

Сашо Нелоски