Свет

Убиениот командант на Хезболах кроел план за напад сличен на оној на Хамас, тврди Тел Авив

21.09.2024 12:31

Израел го уништи срцето на Хезболах, во Бејрут убиен главниот командант на елитните сили, Ибрахим Акил. Тел Авив тврди – кроел план за напад на Галилеја, сличен како оној на Хамас од 7-ми октомври. Советот за безбедност на итна седница. Регионот е на работ на катастрофа, потребна е итна деескалација-апелираат од ООН. Техеран со порака-само обединети можеме да ги спречиме израелските злосторства. За Вашингтон, само мировниот договор за Газа може да го угаси пожарот на Блискиот Исток…

Се продлабочуваат непријателствата преку сината линија со Либан. Хезболах потврди дека во израелски воздушен напад во Бејрут е убиен нивниот командант задолжен за елитните сили на групата Радван, Ибрахим Акил. Тел Авив тврди-кроел план за напад на Галилеја, сличен како оној на Хамас од 7-ми октомври.

„Акил и командантите на силите на Радван го осмислија и водеа планот на терористичката организација да изврши напади на територијата на Израел на денот кога ќе издадат наредба-како што тие го нарекуваа-план за освојување на Галилеја. Како дел од тој план, Хезболах планираше да изврши рација на израелска територија, да ги окупира населбите во Галилеја и да убива и киднапира израелски цивили, слично на она што го направи Хамас на 7 октомври“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелските сили.

Советот за безбедност на ООН на итна седница. Либан бара постапките на Израел да бидат осудени. Израел пак, вели-дејствијата на Хезболах се спротивни на меѓународното право и дека ќе продолжи да се брани.

„Овие напади претставуваат сериозен, невиден настан во историјата на војните и доаѓаат како последица на израелските декларации за целосна војна против Либан. Доколку не се осудат овонеделните смртоносни експлозии и не се именува Израел како извршител, ќе се отвори Пандорината кутија“, вели Абдалах Бухабиб, министер за надворешни работи на Либан.

„Нема да дозволиме Хезболах да продолжи со своите провокации. Нејзините дејствија се спротивни на меѓународното право и Израел ќе се брани. Не бараме проширување на конфликтот во регионот, но ќе направиме се за да ги вратиме нашите граѓани во северен Израел“, изјави Дени Данон, постојан претставник на Израел во ООН.

Регионот е на работ на катастрофа, потребна е итна деескалација-апелираат од ООН.

„Ги повикуваме сите страни на деескалација. Веднаш да ги прекинат непријателствата и целосно да ја спроведат Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност. Регионот е на работ на катастрофа“, рече Стефан Дужарик, портпарол на генералниот секретар на ОН.

Се огласи и иранскиот претседател. Од годишната воена парада во Техеран рече дека само обединети можат да ги спречат израелските злосторства.

„Ако сме обединети, ако се здружиме, Израел-узурпаторот нема да може да ги изврши злосторствата што ги прави сега во регионот“, изјави Масуд Пезешкијан, претседател на Иран.

Конфликтот меѓу Израел и Хезболах дополнително ескалираше по експлозиите на пејџери користени од милитантите низ Либан по што следуваше серија одмазднички напади на двете страни. За Вашингтон, само мировен договор за крај на војната во Газа може да го угаси пожарот на Блискиот Исток.

Бојана Крстевски