Хеликоптерска несреќа

Звукот на хеликоптерските перки за последно збогум!

14.07.2014 17:17

Тројца пилоти, иста судбина...

Последниот поздрав од небото, македонските Јастреби им го испратија на своите колеги, Драги, Иљо, Тоде. Во неизмерна тага, болка, солзи со нив се збогуваа најблиските. Не се помируваат дека за миг згаснаа нивните животи.

„Заедничко за Драги, Тоде и Иљо беше дека го сакаа летањето, нивната професија. Не воодушевуваа со својот ентузијазам со кој ги извршуваа своите задаачи. Имаа елан, професионалност и патриотизам уште од првиот ден кога почнаа да работат како пилоти“.

Тројца пилоти, иста судбина. Началник пилот Драги Мицев, командир пилот Иљо Лопатички, капетан пилот Тоде Орешков, завршија средно воздухопловно училиште во Мостар и Сараево во Босна и Херцеговина. Воена акдемија, освен Тоде, завршија во Задар, се одзваа на првиот повик на татковината за формирање на независна македонска одбрана. Учествуваа активно во конфликтот во 2001-та година. И сите во ист ден загинаа. Оставија зад себе сопруги, чеда. родители, роднини, другари.  А тие и во последните мигови на овоземноста од капелата ги придружуваа во километарска поворка. Меѓу нив, нивните претпоставени, првите луѓе на полицијата, поранешни колеги од армијата.

„Да се збогуваме со вас е невозможно, луѓето како Вас никогаш не умираат“, рекоа нивните колеги.

Мицев, Лопатички, Орешков и Трајковиќ обучуваа кадри, учествуваа во акции и спасувачки мисии, многупати се соочија со ризици. Во четврточната вечер за нив запре времето.

Падот на хеликоптерот беше фатален за четворицата врвни пилоти. Нивниот колега капетан пилот Марјан Трајковиќ ден претходно беше погребан во Куманово.

Нека им е вечна слава!

Фиљана Кока