Македонското знаме на Елисејските полиња

14.07.2014 17:22

Македонско знаме, тројца припадници на Македонската армија и четири млади франкофони од Македонија беа дел од годинашново дефиле на Елисејските полиња, организирано во чест на францускиот национален празник 14 јули, кој годинава беше под знакот на комеморацијата на 100 годишнината од почетокот на Првата светска војна.

По неколку дневна пауза сонцето се покани за денешното дефиле на Елисејските полиња. Дефилето го отворија француските војници во униформите на нивните претходници од Првата светска војна, следени од знамињата на 76 земји кои директно или индиректно беа вклучени во Првата светска војна. Меѓу нив и знамето на Република Македонија, носено од тројца припадници на Македонската армија.

Сите заедно застанаа пред свечената трибина во која се наоѓаше највисоките претствници на француската држава и на земјите учесници на дефилето. Македонското знаме беше меѓу првите кое помина на Елисејските полиња и нашето учество во прославата е да се потсети на жртвите на војниците и сите оние кои биле вклучени во Првата Светска Војна, во која Македонија и нејзиното население беа вовлечени во братоубиствена и разделувачка војна.

Традиционалната смотра на трупите кои учествуваат во воената парада од страна на претседателот Франсоа Оланд беше пропратена во дел со свирежи од противниците на неговата политика, при што полицијата уапси неколку лица.

„Дефилето на Четиринаесетти јули не е само традиција наследена одисторијата. Тоа не е само национален празник. 14 јули насекаде во светот е ден на слободата. Ден на човековите права. Ден на човековата достојност“ – потсети  претседателот Франсоа Оланд  пред учесниците на воената парада.

По воената парада, беше изведена кореографијата од 300 млади од земјите кои беа вклучени во Првата светска војна. Меѓу нив и четворица млади франкофони од Македонија. Темата на кореографијата беше посветена на мирот, со спектакуларно пуштање на бели гулаби.

Интересно е дека немаше ниту еден висок претставник на странска држава, освен принцот Алберт од Монако. Македонија беше претставена на ниво на зменик министер за надворешни работи.

Тони Гламчевски