Здравство

Сè потешко се стигнува до препишаната терапија

22.09.2024 10:46

Возрасните бараат лек за старите болки, младите за акутни состојби. Матичните лекари велат, неретко еден пациент се враќа по неколку пати за да му дадеме замена...

Славка Петрушевска е пензионерка. Вели речиси нема човек на нејзина возраст којшто нема некоја хронична болест, поради која посетите на лекари и аптеки се рутина.

„Не секогаш наоѓам во аптека тоа што ми треба, одам од аптека во аптека и ако не најдам паузирам со терапија и тогаш сум болна“, вели Петрушевска.

Но, таа не е осамена во потрагата по терапија. Возрасните бараат лек за старите болки, младите за акутни состојби. Матичните лекари велат, неретко еден пациент се враќа по неколку пати за да им дадеме замена.

„Моментално има недостаток на некои антибиотици, има недостаток на лекови за простата, па пациентите доаѓаат по замена на рецепти, што дополнително не оптоварува“, вели д-р Мелудин Куч, Здружение на приватни матични лекари.

Од Здружението на приватни аптеки велат проблем е што сме мал пазар, па производителите откако ќе ги покријат големите пазари на веледрогерии им нудат тоа што ќе им остане. Одредени лекови ги нема ни на европско ниво, лекот за простата на пример го нема последните три месеци ниту во регионот, суровината за негово производство е дефицитарна.

„Треба да се воспостави еден заеднички систем, бидејќи ние фармацевтите немаме начин како да ги информираме лекарите дека има недостаток за еден лек, односно е во дефицит, и лекарите дознаваат последни за тоа. Ние ’Мој термин‘ го гледаме, ги гледаме препишаните лекови, но мора да постои и еден дел каде би можеле повратно да ги информираме лекарите дали зададениот лек го има“, вели Билјана Божиновска – Здружение на приватни аптеки.

Фармацевтот и аптеката се последни во синџирот на здравствена заштита па најчесто вината се бара кај нас, вели Божиновска. Смета дека сите чинители заеднички треба да направат долгорочна стратегија за да се реши проблемот со недостиг на лекови и да се скратат маките на пациентите, талкањето од аптека во аптека, и на кај во соседството за да се купи терапијата.

Наташа Јанчиќ-Менковски