Климатските промени ги загрозуваат ендемичните видови во Охридското Езеро
Климатските промени го загрозуваат живиот свет во Охридското Езеро. Според научната јавност отворена е можноста поради глобалното затоплување да исчезнат некои ендемични видови, бидејќи не ќе можат да се приспособат на новите услови и негативното влијание коешто го вршат луѓето врз овој значаен екосистем.

Слатководните екосистеми како што е Охридското Езеро се едни од најзагрозените поради климатските промени. Зголемените температури во комбинација со човечкото влијание, односно антропогените притисоци придонесуваат за деградирање на овој единствен екосистем, поради што не се исклучува можноста од исчезнување и на дел од ендемичните видови.
„Промените на температурата влијае врз животните циклуси на организмите. Влијае врз нивниот метаболизам, влијае врз процесот на размножување, на раст и развој, секако влијае и врз нивната способност за преживување. Дефинитивно и всушност во слатките води имаат само три можности: да се приспособат на таквите промени, да мигрираат или да изумрат, што секако се случува“, вели д-р Орхидеја Тасеска-директор на Хидробиолошки завод-Охрид.
Поради глобалното затоплување најпогодени се слатководните риби кои немаат способност да се приспособат на промените.
„Секако кај нив забележуваме промени во нивниот животен циклус, на пример охридската пастрмка. Моите колеги во текот на своите истражувања забележале дека доаѓа до промени во начинот на исхрана на овој ендемичен вид риба. Се префрлаат од исхрана на слатководниот планктон кон бентосна фауна“, вели д-р Тасеска.
За надминување на овие состојби кон крајот на месецов ќе расправаат научниците и сите засегнати во државата во рамките на собирот кој го организираат Хидробиолошкиот завод и глобалното движење „Климатон“ кое дава насоки за спарување со климатските промени.
Сашо Нелоски
