Политика

Меџити: Имаме усогласеност со владата за Законот за правична застапеност

22.09.2024 12:48

Балансерот во првите години беше добар, но веќе е надвор од својата функција, вели во неделното интервју за Радио Слободна Европа, вицепремиерот Изет Меџити. Уверува дека има политички договор за Закон за правична застапеност, но и за системот за вработување според квалитет…

Балансерот е веќе надвор од својата функција, и последните години има контраефект, но имаме политички договор тоа да се среди со Закон за правична застапеност, но и за системот за вработување според квалитет, вели во неделното интервју за Радио Слободна Европа, првиот вицепремиер Изет Меџити.

Посочи дека балансерот бил во функција на спроведување на Рамковниот договор и правична застапеност на помалите заедници во државната и јавната администрација. Барајќи излез со невработеноста, луѓето преку овој механизам лажно се изјаснувале за својата националност.

ДУИ: Ова е почеток на колапсот на меѓуетничките односи

Од ДУИ со став-одлуката на Уставниот суд да почне постапка за оценување на уставноста на балансерот, е само почеток на колапсот на меѓуетничките односи изградени со големи тешкотии.

„Прашањето за укинување на балансерот ќе отвори многу нови проблеми во наредниот период кои можат и ќе доведат до рушење на основите на Охридскиот договор. А ова и сами да владеат, без Албанците, ВМРО, ЗНАМ и Стоилковиќ немале да го постигнат. Жалосно е затоа што пропаѓањето на Охридскиот договор се случува додека во владата е и коалицијата која изгуби на изборите во албанскиот блок, Вреди, кои се заслепени од неколку владини функции“, стои во соопштението од ДУИ.

СДСМ е за укинување на балансерот

Во СДСМ се за укинување на балансерот. Тој мора да претстави соодветен систем на наградување, но со строги критериуми. Треба да оставиме Уставниот суд да ги носи одлуките и ниту една политичка партија да не се меша во донесувањето на оваа одлука, нагласуваат социјалдемократите.

Уставниот суд реши привремено да го замрзне балансерот додека да одлучи дали тој е уставен или не. Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за вработени во јавен сектор, Законот за административни службеници, Правилникот за задолжителни елементи на јавниот оглас при вработување во јавен сектор, односно одредби од акти оспорени од Државната комисија за спречување корупција.

Сите јавни институции ќе добијат упатство како да постапуваат во периодот додека важи привремената мерка на Уставниот суд за стопирање на алатката балансер за вработувањата во јавната администрација – информираа во Министерството за јавна администрација.

Игор Панов