Нови ракетни напади преку израелско-либанската граница
Ескалираат насилствата на Блискиот Исток. Нов ракетен бараж преку израелско-либанската граница. Хезболах изврши досега најдлабок удар врз Израел. Има повредени цивили. Тел Авив подигна десетици авиони. САД ги повика граѓаните да го напуштат Либан. Властите во Бејрут ја следат ситуацијата …

Блискиот Исток не мирува. Нов бран воздушни удари преку сината линија со Либан. Хезболах изврши жесток ракетен напад со стотици проектили длабоко во Израел. Тел Авив подигна авиони возвраќајќи го ударот. Тврди дека голем број од непријателските ракети се пресретнати во Хаифа и Назарет. Во северните области, собирите ограничени.
„Интензивно напаѓаме во јужен Либан по откривањето на Хезболах кој се подготвува да пука кон израелска територија. Десетици авиони на израелските сили уништуваат терористички цели и ракетни фрлачи за да ја отстранат заканата за израелските цивили. Во согласност со проценката на ситуацијата ги ажуриравме одбранбените упатства на Домашен фронт од областа Хаифа на север до Ниво-2“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелските сили.
Во одмаздничкиот напад на Хезболах се повредени неколку лица. Уништени се домови, а улиците изгледаат како воено боиште-велат очевидците.
„Изутрина се огласија сирените. Се симнавме со бебето и сопругата во засолништето, и само по неколку минути се слушна експлозија. Истрчав до соседната куќа додека сè уште гореше, обидувајќи се да видам дали има луѓе“, вели жител на Кирјат Бијалик.
„Целиот мој дом е уништен, прекрасната градина ја нема. Сè беше уништено, дури и прозорецот од безбедната соба е искорнат. Целосен пустош, но важно е, јас сум добро“, додава жителка на Кирјат Бијалик.
„Вакво нешто гледате само во филмовите. Ова во реалноста е нешто што тешко може да се замисли“, додава жител на Кирјат Бијалик.
САД ги повика своите граѓани да го напуштат Либан и да не патуваат во земјата поради непредвидливата природа на конфликтот. Либанскиот министер за внатрешни работи претходно истакна дека ситуацијата е критична и внимателно се следи.
„Безбедносната ситуација е опасна и критична и неопходно е сите безбедносни агенции во Либан внимателно да ги следат операциите што се одвиваат околу Либан, Бејрут бидејќи голем број цивилни жртви паднаа како резултат на овие операции. Безбедносните и воените сили внимателно ќе го следат секое движење што може да предизвика сомнеж“, изјави Басам Мавлави, министер за внатрешни работи на Либан.
Во истовреме на Западниот Брег израелската војска упадна во канцелариите на катарската информативна мрежа Ал Џезира во Рамала, со наредба да биде затворена во рок од 45 дена. Медиумот го осуди потегот велејќи дека одлуката е нова агресија врз новинарската работа и медиумите.
Бојана Крстевски
