Криза

Социјално ранливите категории најпогодени од инфлацијата

22.09.2024 14:51

Социјално ранливите категории на граѓани се најпогодени од економската криза. Околу 35.000 домаќинства се приматели на гарантирана минимална помош, велат од ресорното министерство. Но, има и такви, кои велат дека иако ги исполнуваат условите не добиваат државни пари…

Најпогодени од ценовниот шок и инфлацијата се социјално ранливите категории на граѓани, а еден од нив е Трајче Конески, кој е сопруг и татко на две малолетни деца. Пред пет години поднел барање за социјална помош, но му било одбиено.

Според законот, право на гарантирана минимална помош имаат оние домаќинства, чии членови во последните три месеци имаат помалку приходи од износот на утврдената социјална помош од државата. Но, има и семејства чии примања ја надминуваат таа сума, но сепак не се доволни за да го поминат месецот.

А кога институциите ќе ја затворат вратата, ги отвораат хуманитарните здруженија. Една од нив е црквата „Св. Спас“ во скопско Драчево. 200 корисници од цела Македонија, без оглед на религиозната припадност добиваат помош токму овде.

Многу семејства кои имале нормален живот, економската криза ги „фрлила“ на маргините. Некои претходно биле донатори, сега станале корисници – објаснува отец Оливер, претседател на ова хуманитарно здружение.

Официјални податоци за сиромаштијата во земјава нема. Но, околу 35.000 семејства просечно се корисници на социјална помош од почетокот на годинава. Основицата на гарантираната минимална помош изнесува четири илјади денари.

Александра Велинова