Мерки

Од утре намалени цени на 73 производи

22.09.2024 15:05

Одлуката за намалување на цените се очекува утре да биде објавена во „Службен весник“, а со тоа почнува и нејзината важност. 73 производи, меѓу нив брашно, леб, зеленчук, овошје, месо, млеко и млечни производи. Трговците ќе мора да ги намалат нивните маржи за 10 проценти…

Трговците чекаат „Службен весник“ да ја објави одлуката за да можат да направат промена во изложените цени и фискалните каси. Пониски маржи за 10 процени на производите се очекуваат идната недела.

Но, Организацијата на работодавци оваа одлука не ја дочека со отворени раце. Сметаат дека замрзнувањето на цените и сите вакви регулации се непазарни мерки. Според Ангел Димитров, оваа мерка не може да се применува на долг рок бидејќи како што вели, ќе донесе други нелогичности на пазарот. Ќе се намали квалитетот или производите ќе се продаваат со помала грамажа.

Димитров, смета дека е потребна поголема контрола врз трговците. Според него, Државната агенција за конкуренција нема капацитети, бара во инспекциските надзори да се вклучи и пазарната инспекција која има многу поголеми ингеренции и секојдневно е на пазарите низ Македонија.

Од идната недела на листата намалени производи ќе се најдат 73 продукти, кои граѓаните ги користат во своето секојдневие. На листата која ја објави Министерството за економија и труд се наоѓа ориз, леб, масло за јадење, сите видови на зеленчук и овошје, месо и месни производи и млеко и млечни производи.

Александра Спировска