Претседателката Сиљановска Давкова на Самитот на иднината во Њујорк
Целта на Самитот на иднината е државите членки да ја зголемат меѓусебната соработка која, како што се нагласува, е сè поважна за човековиот опстанок...

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која ја предводи македонската делегација на 79-тото Генерално собрание на ОН, денеска треба да се обрати на Самитот на иднината на тема „Мултилатерални решенија за подобро утре“ со учество на шефови на држави и влади.
Целта на Самитот на иднината е државите членки да ја зголемат меѓусебната соработка која, како што се нагласува, е сè поважна за човековиот опстанок, но е тешко да се постигне во атмосфера на недоверба, користејќи застарени структури кои повеќе не ги одразуваат денешните политички и економски реалности.
На Самитот државите членки треба да донесат Пакт за иднината, но, според дипломатски извори, неизвесно е дали документот ќе биде усвоен денеска поради несогласувања со делови од неговата содржина од страна на Русија и уште шест други земји.
Во фокусот на Нацрт-пактот се човековите права, родот и одржливиот развој во сите поглавја. Содржи поглавја за одржлив развој и финансирање за развој, меѓународен мир и безбедност, наука, технологија и иновации и дигитална соработка, младите и идните генерации и трансформирање на глобалното владеење. Меѓудругото, се бара земјите членки да се согласат и за реформи што се однесуваат на Советот за безбедност, но тоа најверојатно нема да се случи.
На Самитот треба да бидат усвоени и Декларација за идните генерации и Глобален Дигитален договор.
