Гостување на Македонска филхармонија во Дубровник
Оркестарот на Македонската филхармонија на 26 септември ќе гостува во Дубровник, Хрватска каде што ќе одржи концерт на сцената на „Кнежев двор“. Како солистка на овој концерт ќе настапи хрватската виолинистка Џана Кариман, концертмајстор на Дубровничкиот симфониски оркестар, а диригент е маестро Бојан Цанев. На програмата се „Медитеранска суита“ од балетот „Дубровачка легенда“ од Љубомир Бранѓолица, Концертот за виолина и оркестар во А-дур од В.А. Моцарт и Симфонијата бр. 5 во Бе-дур од Франц Шуберт...

Концертот на Македонската филхармонија во Дубровник се реализира како дел од годишната програмата на институцијата, поддржана од Министерството за култура и туризам.
Џана Кариман е родена 1989 година во Дубровник. На седум години започнала да учи виолина во уметничкото училиште „Лука Соркошевиќ“ во класата на проф. Иванка Калањ, а во 2011 година ги завршува студиите на Музичката академија во Загреб во класата на проф. Леонид Сокоров. Учествувала на бројни натпревари во земјата и во странство-Натпревар за музика и танц во Загреб (1998, 2000, 2002, 2004), интернационален натпревар „Етиди и скали“ во Загреб (1998, 1999, 2003), интернацинален натпревар „Верди“ во Рим (2001). Добитничка е на први награда на интернационалниот натпревар „Рудолф Матц“ во Дубровник, натпреварот „Бетовен“ во Санкт Пелтен и Интернационалниот натпревар по виолина во Казакстан. Како камерен музичар, Кариман учествувала во проекти на младински оркестри во Германија, Унгарија и Австрија. Учествувал на семинари кај познати професори како Л. Сокоров, M. Сокоров, Г. Кончар, A. Сешек, Г. Зислин, А. Винитски, A. Сокоров, З. Брон, Б. Кушнир, П. Зукерман.
Џана Кариман е член на познатиот хрватски камерниот ансамбл „Загрепски солисти“ и концертмајстор на Дубровничкиот симфониски оркестар.
Добитникот на македонското признание Виртуози „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Диригирал и со Филхармонијата во Краков, Црногорскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Арад, Симфонискиот оркестар „Вагнер“ од Токио, Симфонискиот оркестар на Војводина, „Синфониета“ – Софија, Хрватскиот камерен оркестар, Задарскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, со ансамблот за современа музика „Алеа“ и др. Настапувал со светски реномирани солисти, меѓу кои: Иво Погорелиќ, Јоханес Мозер, Готје Капусон, Сергеј Накарјаков, Иља Гринголц, Даниел Милер-Шот, Сајака Шоџи, Симон Трпчески, Кирил Трусов, Штефан Дор, Џозеф Алези, Дејвид Герет, Стефан Миленковиќ, Алексеј Огринчук, Акико Суванаи, Роман Симовиќ, Зи Зи, Стјепан Хаузер, Евгени Божанов, Криштоф Барати, Моника Лесковар, Тине Тинг Хелсет, Антал Залаи, Емануел Сејсон, Питер Лукаш-Граф, Бранимир Слокар, Ана Дурловски, Благој Нацоски и многу други. Во 2015 година ја предводи Македонската филхармонија на првото гостување на оркестарот во САД, вклучувајќи два концерта во Њујорк, во „Карнеги хол“ и во Музичкиот центар „Кауфман“.
