Култура

Дел од уметничкиот концепт изложен во Њујорк, Дан и Лиа Пержовски ќе го пренесат и во МСУ-Скопје

23.09.2024 09:28

Пред официјалното отворање на изложбата, во 19.30 часот, Дан и Лиа ќе направат музејска тура за посетителите, кои се заинтересирани одблизу да ја доживеат нивната уметничка практика, која ги поместува границите на современата уметност денес.

Светски реномираните уметници Дан и Лиа Пержовски, кои пристигнаа во Скопје веќе ги исцртуваат ѕидовите на Музејот на современата уметност – Скопје, и се подготвуваат за нивната самостојна изложба, која ќе биде отворена во четврток, 26 септември, во 20 часот. Кураторка на изложбата е Мира Гаќина.

Пред официјалното отворање на изложбата, во 19.30 часот, Дан и Лиа ќе направат музејска тура за посетителите, кои се заинтересирани одблизу да ја доживеат нивната уметничка практика, која ги поместува границите на современата уметност денес.

Уметничкиот пар досега ги има исцртано ѕидовите во МоМА Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, Центарот Помпиду-Бобур во Париз, ВанАбе Музејот во Ајндховен, така што ова е исклучително ретка можност да ги имаме во МСУ – Скопје.

Дан Пержовски, чие изразно средство е цртежот ќе се претстави со проектот „Обновени вести“ фокусиран на актуелните општествени и политички настани преку оригинална визуелна перспектива. Овој проект вклучува и компоненти како што се стрипови, колажи и слики, кои на ја истражуваат и визуализираат комплексноста на современата политика и општество. Дел од неговата изложба е и интерактивна. На поставката ќе има ѕид, каде посетителите ќе можат да цртаат или напишат нешто доколку имаат што да кажат.

На изложбата во МСУ ќе бидат изложени и цртежите кои Дан ги има донирано на МСУ-Скопје.

Лиа Пержовски истражувачка, уредничка и концептуална уметница ќе се претстави со проектот „Сет за преживување“, избор од Музејот на знаењето, во кој истражува концепти поврзани со знаењето, образованието и социјалните структури, преку серија интерактивни и концептуални дела. Сет за преживување е интердисциплинарен проект кој вклучува различни медиуми и формати, како: графики, објекти и документи. Оваа селекција е изработена како обид да се создаде едукативен ресурс, кој преку визуелната уметност го истражува и предизвикува размислување за историјата, културата и секојдневниот живот.

Проектот вклучува и различни интерактивни компоненти, кои ги поттикнуваат гледачите да се вклучат и да размислуваат на поинаков начин, користејќи ги визуелните елементи за да создадат нови перспективи и критичко размислување.