Израел ги продлабочува нападите во Либан
Израел ги продлабочува нападите во Либан. Се таргетира Хезболах до целосно отстранување на заканата-велат од Тел Авив. Воената цел е јасна – безбедно враќање на луѓето во северните заедници на Израел. Хезболах се закани-војната со Израел е во нова фаза, жителите нема да се вратат на северот. Повици за деескалација пристигаат од светот. Во сенка на разгорените конфронтирања преку сината линија, во Газа продолжија воздушните напади во кои загинаа десетици цивили...

Израел продолжи да спроведува широки напади врз Хезболах во долината Бека во Јужен Либан додека сирени за тревога се огласуваат на северот од земјата. Одбраната на Тел Авив тврди-пресретнала ирански дронови инфилтрирани од Сирија. Велат дека ќе продолжат со нападите додека не ги исполнат целите. Ги предупредија цивилите во Либан да не им дозволуваат на милитантите да ги користат нивните домови за складирање оружје.
„Ги повикуваме сите жители на Либан, сите кои се во близина на имоти или во домови каде Хезболах крие оружје, веднаш да се дистанцирате од нив. Ова е за ваша безбедност и заштита“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелските сили.
„Ги продлабочуваме нашите напади во Либан и ќе продолжиме сè додека не ја постигнеме нашата цел да ги вратиме жителите на север безбедно во нивните домови. Успехот ќе зависи од Домашниот фронт. Ни претстојат денови кога јавноста ќе треба да покаже смиреност, дисциплина и целосна послушност кон директивите на Командата на Домашниот фронт“, изјави Јоав Галант, израелски министер за одбрана.
Хезболах со закана-војната со Израел е во нова фаза, жителите нема да се вратат на северот.
„Влеговме во нова фаза насловена „Битка за отворени сметки“ во која ќе продолжиме со фронтот за поддршка и конфронтација. Жителите на северот нема да се вратат. Наместо тоа, поместувањето ќе се зголеми, а поддршката ќе се прошири. Израелското воено решение само ја продлабочува неволјата на Израел и на жителите на северот и не ги решава нивните прашања. Затоа одете во Газа и прекинете ја војната“, изјави Наим Касем, заменик-генерален секретар на Хезболах.
Првиот човек на ООН Гутереш, загрижен дека Либан може да стане втора Газа. САД велат-прават се за да спречат поширок конфликт.
„Загрижен сум. Но, ќе направиме сè што можеме за да спречиме да избие поширока војна. Сè уште силно притискаме“, изјави Џозеф Бајден, претседател на САД.
На деескалација повика и шефот на европската дипломатија. Борел ја нагласи итната потреба за прекин на огнот преку „Сината линија“, како и во Појасот Газа каде што во сенка на непријателствата меѓу Хезболах и Израел продолжија воздушните напади во кои загинаа десетици цивили.
Бојана Крстевски
