Тони небезбедна храна во охридско-струшкиот регион, но не е регистрирано труење
Агенцијата за храна затекна тони небезбедна храна во промет во охридско-струшкиот регион, дел завршила и на домашната трпеза. Не е регистрирано ниедно труење, но надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни.

Инспекциските контроли оваа летна сезона открија тони небезбедна храна во охридско-струшкиот регион. Во промет во ресторани, маркети, месари беа затекнати прехранбени производи без декларации, со сомнителен квалитет и поминат рок. Дел завршиле и на домашната трпеза.
Во Центарот за јавно здравје не е регистрирано ниедно труење од храна. Но, лекарите велат, консумирањето на храна со поминат рок или сомнителен квалитет има штетни последици врз човековото здравје.
„Да земаат производи коишто се во рок на употреба, да не биде оштетена амбалажата, да не бидат производите спакувани во неадекватна храна. Лесно расипливите производи, млеко, млечни производи, месо, риба да се чуваат во разладен уред на адекватна температура и секако дека оние производители на храна да внимаваат на хигиената“, вели доктор Јованка Стурлакова-Коровешоска од Центарот за јавно здравје-Охрид.
Граѓаните велат, им се случува да купат производи со поминат рок, без декларација, па дури и да затекнат производи со бришан рок на пакувањето.
Тони небезбедна храна во промет, а во Организацијата на потрошувачи во Охрид пријавени се само три поплаки за продажба на храна со поминат рок, од таму велат, граѓаните не пријавуваат.
Соња Рилковска
