Мицкоски: Имаме потенцијал да станеме економски лидер во регионот
Мицкоски посочи дека треба да се создадат услови каде што младите гледаат иднина, каде што ќе можат да ги остварат своите соништа и сакаат да останат и да придонесуваат за општеството.

Имаме потенцијал да станеме економски лидер во регионот, со модерна инфраструктура, со конкурентна економија и со иновации кои ќе ги поддржат младите и претприемачите. Ние ќе продолжиме со реформи кои ќе ја подобрат бизнис климата и ќе овозможат нови инвестиции и работни места, изјави денеска премиерот Мицкоски на втора седница на Националниот совет за развој, на која присуствуваше амбасадорот на Оединетото Кралство, Метју Лосон, како и претставниците на Обединети Нации и УНДП, Рита Колумбиа и Армен Григорјан.
„Индустријата, повеќето пари е клучот за благосостојбата на сите. Повеќе пари за подобар живот и напредно општество. И за тоа се потребни годишни растови на БДП кои ќе дадат драматични скокови во стандардите во повеќе полиња. Нашата визија за иднината вклучува и силен ангажман на сите за економски раст и развој кој ќе обезбеди подобар животен стандард буквално за сите граѓани“, изјави премиерот Мицкоски и изрази жалење за отсуството на опозицијата, нагласувајќи дека сериозни држави создаваат документи кои се плод на заедништво, меѓусебна солидарност и вклучување на сите засегнати страни во тој процес.
Премиерот нагласи дека мораме да бидеме објективи и да кажеме дека постои огромно разочарување од постапките и колективните политики изминатите повеќе од 30 години. Тој потенцира дека предолго државата е соочена со распространета корупција која не е санкционирана, и на некој начин системот создава култура на корумпираност.
Мицкоски посочи дека треба да се создадат услови каде што младите гледаат иднина, каде што ќе можат да ги остварат своите соништа и сакаат да останат и да придонесуваат за општеството.
Според него, треба да се внимава да не се падне во замките на етничките теми и конфликти кои се само параванот на лукративните интереси на поединците кои, како што рече, градат кариери врз овие прашања, додека за жал народот се дели.
