Земјотрес во Скопје

Сеизмолошката опсерваторија објави брошура со мерки што треба да се преземат за време на земјотрес

23.09.2024 17:16

Земјотрес со јачина од 3,4 степени по Рихтер околу два часот по полноќ беше почувствуван на територијата на Град Скопје. Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет потврди дека епицентарот бил регистриран на 23 километри источно од главниот град на длабочина од 7 километри. Со брошура потсетија за правилата при потреси…

По два часот по полноќ скопјани ги разбуди земјотрес со јачина од 3,4 степени по Рихтер. Од Сеизмолошката опсерваторија потсетуваат на мерките што треба да се преземат за време на земјотрес. Со скенирање на „кју-ар“ код на нивната страна граѓаните може да ја погледнат брошурата.

Невозможно е да се предвиди каде и кога ќе се случи земјотрес. Поради тоа од голема важност е да бидеме подготвени и да знаеме како да се однесуваме пред, за време и по земјотрес.

Во брошурата од опсерваторијата стои:

Откако ќе се почувствува прво тресење, најдобро е да се упати до најблиското безбедно место. Да не се користат лифт и скали за време на земјотрес. За учениците се советува, доколку се на училиште веднаш да се примени правилото наведни се, покриј се и почекај. Скријте се под клупа. На отворен простор да се поместите подалеку од зграда, бандери, високи дрвја и сè што може да падне. Доколку сте во автомобил, запрете го возилото на отворен простор. Останете внатре со откопчан појас. По завршување на тресењето, исклучете сè што може да предизвика пожар и напуштете ја зградата. Никогаш не враќајте се во оштетените згради.

Ова се дел од мерките што треба да се преземат кои се наведени во брошурата на страната на Сеизмолошката опсерваторија.

Оттаму велат дека во случај на почувствуван земјотрес, граѓаните треба да се јават на единствениот телефонски број за итни повици 112. Упатуваат и апел за пополнување на прашалникот за почувствуван земјотрес, податоци за кои велат дека се од големо значење за работата на Сеизмолошката опсерваторија.

Ана Јосифоска-Тодоровска