Љутков- Обуљен Коржинек: Ги интензивираме одличните македонско-хрватски односи во културата
На средбата беше искажана благодарност за поддршката и подготвеноста на Република Хрватска за споделување на искуствата и позитивните практики од процесот на пристапување кон ЕУ

Одличните релации меѓу Македонија и Хрватска на надворешно-политички план, во рамките на регионалната соработка, ЕУ и НАТО, се отсликуваат и во традиционално добрата соработка во културата, се согласија министерот Зоран Љутков и министерката за култура и медиуми на Хрватска, Нина Обуљен Коржинек, на денешната билатерална средба во Загреб.
На средбата беше искажана благодарност за поддршката и подготвеноста на Република Хрватска за споделување на искуствата и позитивните практики од процесот на пристапување кон ЕУ. Министерката Обуљен Коржинек истакна дека Хрватска останува гласна во поддршката на евроинтеграцискиот пат на нашата земја, а министерот Љутков во тој контекст истакна дека и неодамнешната посета на премиерот Христијан Мицковски на оваа пријателска држава е дополнителен импулс за продлабочување на односите.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на хрватската колешка ѝ го образложи значењето на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб и ја претстави новата директорка, Мими Ѓоргоска-Илиевска, која има долгогодишно искуство во областа на културата. Тој подвлече дека Центарот има големи потенцијали за проширување на соработката во културата, но и за промоција на природните ресурси на нашата држава, како и можност за проширување на надлежностите во образованието и науката.
На средбата беа истакнити многубројни примери на соработка на институционално ниво во културата во сите области на уметноста, а министерката Обуљен Коржинек особено ги издвои успешните копродукциски филмски проекти меѓу двете држави, како и преводите на дела од реномирани македонски и хрватски автори на двата јазика. Таа изрази особено задоволство од присуството на македонски театарски творци во Хрватска кои бележат завиден успех.
