Блиски Исток

Израел ги продлабочува нападите во Либан

24.09.2024 08:56

Стотици загинати и илјадници повредени во најинтензивните израелски воздушни напади врз цели на Хезболах во Либан. Од Тел Авив велат дека уништиле голем арсенал на милитантната група. Меѓународната заедница бара деескалација на состојбата на Блискиот Исток. Не мирува ниту ситуацијата во Газа. Од Вашингтон и Брисел со став, важно е конфликтот брзо да се реши …

Израелската војска ги изврши најинтензивните воздушни напади врз цели на Хезболах во Либан. Загинаа стотици луѓе, меѓу кои десетици деца и жени, илјадници се повредени. Тел Авив предупредува дека милитантната група ги користи цивилите како жив штит, а нивните домови како складишта за смртоносно оружје. Премиерот Нетанјаху му порача на либанскиот народ сериозно да го сфати предупредувањето за евакуација.

„Ние не бараме војни. Сакаме да ги отфрлиме заканите. Тоа мора да биде безбедна зона каде Хезболах ќе биде потиснат од границата и нема да има проектили, ракети, летала кои се закануваат на нашите заедници, на нашите граѓани. Тоа е нашата мисија и ќе направиме сè што е потребно за да ја оствариме“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.

Министерот за одбрана на Израел вели дека уништиле десетици илјади ракети од огромниот арсенал на групата поддржана од Иран. Во услови на жестоки напади, Хезболах ги повлекува своите борци од делови на Сирија.

„Она што Хезболах го изградија во период од 20 години всушност е уништено од нас и оваа операција е многу импресивна. Ова е најтешката недела за Хезболах од неговото формирање и резултатите зборуваат сами за себе“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.

Од египетското МНР предупредуваат дека актуелната ескалација може да доведе до општа регионална војна. Ирак соопшти дека има намера да организира итен состанок на делегациите на арапските земји на маргините на годинешното Генерално собрание на ООН. Од Вашингтон и Брисел со став, важно е конфликтот брзо да се реши. САД објавија дека ќе испратат дополнителни трупи на Блискиот Исток, без детали за тоа која ќе биде нивната мисија.

„Конфликтот по Сината линија трае предолго и треба брзо да се реши. Ќе продолжиме да ги водиме дипломатските разговори. Продолжуваме да работиме на договор за прекин на огнот. Ние веруваме дека тоа е патот напред, во смирување и намалување на температурата“, изјави Карин Жан-Пјер, портпарол на Белата куќа.

Не мирува ниту ситуацијата во Газа. Мета на израелската армија, бегалскиот камп Нусејрат. Најновите воени дејствија на Блискиот Исток следуваат по двата брана на смртоносни експлозии на пејџери и воки-токи уреди користени од милитантите на Хезболах. Во операциите загинаа десетици, а стотици беа ранети.

 

Маријана Димовска