Секоја година помалку пари за превентивни програми
Потребни се повеќе пари од државата за поефикасен систем на превенција од болести. Од година в година се кратат средства – реагираат невладините организации. Предводени од Светската здравствена организација надлежните ќе бараат решение...

На државата и недостига посилен систем за превенција од болести. Од година на година се кратат парите од програмите. За скрининг за рак на грлото на матка се одвојуваат средства со кои се покриваат едвај 25% од жените. Опфатот со програмата за скрининг на рак на дојка е околу 1 процент, а над 300 жени годишно умираат од истата болест кај нас. Развиените европски држави обезбедуваат опфат на жените над 75% со скрининг-програмите за рак на грлото на матка и за рак на дојка.
Седум години се помалку се финансира превенцијата, и за епидемијата на ХИВ. Пред речиси една деценија 40% од парите во националната програма биле наменети за лекување, годинава 80%, 20 проценти за превенција.
Предводени од Светската здравствена организација надлежните ќе бараат решение, ќе се прават планови за универзална здравствена покриеност.
Дека не смее да се крати од превентивните програми укажуваат и поразителните бројки на Светска Банка и СЗО. Во Македонија има околу 120.000 пациенти со дијабетес, кои се лекуваат, но се проценува дека 120.000 граѓани живеат со дијабетес без да знаат. Околу 420.000 пациенти имаат висок крвен притисок, за кој добиваат лекови, но 110.000 имаат хипертензија, а не се дијагностицирани.
Наташа Јанчиќ-Менковски
