Македонија

Предлог - законот за бранители и натаму заглавен во Собранието

24.09.2024 12:57

Предлог-законот за бранители заглавен во собраниската Комисија за труд и социјала. Премиерот Мицкоски не прогнозира кога ќе биде усвоен, но вели дека ќе ја има поддршката од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Предлагачот Славјанка Петровска ги отфрла обвинувањата дека законот не е провокација и обид за дестабилизација на земјата...

Предлог-законот за бранителите е со единствена цел, да се допрецизира веќе утврденото право и да се предвидат одредби кои ќе значат правичен надоместок на жртвите и за настанатите последици, вели пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска. Смета дека Предлог-законот не е провокација, ниту обид за дестабилизација на земјата. Петровска од спикерот Гаши побара да го примени Деловникот и да ја закаже Комисијата за труд и социјала. Според Петровска, собирањето потписи од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е чекор назад и обид да се избегне одговорност.

Законот за бранители, не знам кога ќе дојде на дневен ред во Собранието, но кога ќе дојде, ќе ја има нашата поддршка, вели премиерот Христијан Мицкоски.

„Јас на заканите не одговарам баш така како што некој може да очекува“, нагласува тој, кој отсечно со „нека му е со среќа“ одговара и на коментарот на пратеникот Снопче од „Вреди“, кој изјави дека коалицијата „Вреди“ ќе ја напушти Владата ако биде изгласан Законот за бранители.

Законот за бранители е заглавен во собраниската Комисија за труд и социјала, бидејќи претседателката на комисијата Илире Даути не го става на дневен ред и не свикува седница. Вели дека за законот нема да се дискутира ако со него не бидат опфатени и борците на ОНА.

 

Миле Ристески