Политиката и економското зајакнување на регионот во фокус на состанокот „Брдо- Бриони“

15.07.2014 13:11

Претседателите на осум земји од Западен Балкан синоќа во Дубровник се заложија за зајакнување на економската соработка во регионот која беше попречувана поради војните во последната деценија на минатиот век. За денеска е предвидено шефовите на држави да имаат неколкучасовна средба со германската канцеларка Ангела Меркел...

Во Дубровник почна со работа годишниот состанок „Брдо- Бриони“, процес на кој се приклучи и германската канцеларка Ангела Меркел, која во Хрватска допатува директно од Бразил. Учесници, покрај домаќинот, хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ, се македонскиот претседател Ѓорге Иванов, како и шефовите на државите од целиот Западен Балкан.

Ќе се разговара за теми околу политичката состојба и односите во регионот, продолжување на проширувањето на Европската унија, како и за клучните проекти во овој дел од Европа, како што е завршувањето на Јадранско- Јонскиот автопат, железничкиот коридор, како и енергетското поврзување во Југоисточна Европа.

Во исчекување на заклучоците за тоа што Меркел ќе им каже на претседателите од регинот, како што дознаваме од Кабинетот на претседателот, Ѓорге Иванов, за Република Македонија од голема важност е завршување на Јадранско- Јонскиот проект , бидејќи само така Коридорот 8 за нас ќе има економска логика и исплатливост, ако се поврземе со инфраструктурниот проект, што директно ќе се одрази врз македонската економија и странските инвестиции.

„Големите проекти да се завршати и да го отворат регионот, за да можеме без бариери да се поврземе , да патуваме, да разменуваме идеи и мислења и добра“, рече претседателот Иванов.

Република Македонија и од овој собир ќе ја изрази надежта дека Европскиот совет ќе ја донесе одлуката за пристапни преговори, имајќи ја предвид можноста за паралелно движење во интеграциите и надминувањето на билатералните проблеми, нешто што Република Македонија континуирано го бара.

 

Мирјана Василева