Мицкоски за изјавата на Снопче: Нека му е со среќа, не работиме под закани и уцени
„Нека му е со среќа“, вака премиерот Мицкоски ја коментираше изјавата на пратеникот Халил Снопче, кој се закани дека ќе ја напуштат Владата ако се донесе Законот за бранители. СДСМ побара претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши да ја закаже комисијата. Левица, пак, не се откажува од плановите да му поднесе кривична пријава на собранискиот спикер …

Премиерот Мицкоски не сака да прогнозира кога Законот за бранители ќе дојде на дневен ред во Собранието, но потенцира дека кога ќе дојде, ќе ја има поддршката од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Шефот на владата дециден-не работам под закани и уцени, по изјавата на пратеникот Халил Снопче од Вреди дека ќе ја напуштат Владата ако законот биде изгласан. Мицкоски кратко одговори-нека му е со среќа.
Со Предлог-законот за бранителите се допрецизира веќе утврдено право на правичен надоместок за жртвите и за настанатите последици, вели пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска, која е предлагач на решението.
Таа уверува дека Предлог-законот не е провокација, ниту обид за дестабилизација на земјата. Според Петровска, собирањето потписи од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ е чекор назад и обид да се избегне одговорност.
Затоа што не се свикува Комисијата за труд и социјална политика, ниту од претседателката, ниту од спикерот, Левица ќе му поднесе кривична пријава на Гаши.
Во владиниот партнер ЗНАМ, без двоумење велат дека ќе го поддржат Законот.
Законот за бранители е заглавен во собраниската Комисија за труд и социјала бидејќи претседателката Илире Даути од Европскиот фронт не го става на дневен ред и не свикува седница. Вели дека за законот нема да се дискутира ако со него не бидат опфатени и борците на поранешната ОНА.
Миле Ристески
