Здравство

Амбулантите полни, доминираат респираторните вируси

24.09.2024 15:42

Почетокот на учебната година и променливото време си го направија своето. Вирусите ги наполнија амбулантите на матичните лекари. Температура и болки во мускули – најчести симптоми …

Почетокот на учебната година и температурните разлики ги разбудија вирусите и ги наполнија амбулантите. Најмногу страдаат децата и хронично болните. Педијатрите велат – доминираат респираторните. Кај Петар, вирусна инфекција предизвикала сериозни проблеми.

„Имам бронхитис, завршив на антибиотик. Првпат пијам антибиотик во последните 20 години. Дојдов на контрола да видиме каква е состојбата со белите дробови“, вели Петар Костадиновски – пациент.

Најголем дел од пациентите лекарска помош бараат поради покачена температура, болки во грлото и мускулите. Со овие симптоми – доктор Мира Атанасова дневно прегледува по шеесетина пациенти. Вели – важно е заболените да се изолираат, за да се спречи ширење на вирусот.

„Тие симптоми се типични за вирусните инфекции, чекаме неколку дена, го изолираме пациентот во домашни услови, со добра хидрација, витамини, одмор. Целта ми е да укажеме да не се брза веднаш со лабораторија, ниту со некаков третман. Прифаќам само докажана бактериска суперинфекција и ако лекар докаже да се ординира антибиотик“, изјави д-р Мира Атанасова – педијатар.

Меѓу вирусите присутен е и ковидот.

Лекарите забележуваат дека се зголемува и бројот на заболени со коронавирусот. Минатата недела институтот за јавно здравје регистрира 64 нови позитивни случаи. Еден пациент починал поради компликации предизвикани од вирусот.

Адријана Ѓурческа