Несреќа во московското метро- најмалку 10 загинати

15.07.2014 13:15

До инцидентот дошло бидејќи напонот на струјата нагло паднал, а машиновозачот морал веднаш да го сопре возот. Од Министерството за вонредни состојби на Русија ја потврдија информацијата...

Несреќа во Русија. Десет патници загинале, стотина се повредени, откако три вагони излетале од шините на линијата Арбатско- Покровскаја. Патниците кои се во критична состојба со хеликоптери биле транспортирани до најблиските болници. Очевидците велат дека околу дваесет патнци се уште се заробени.

Спасувачите и пожарникарите ги евакуираат патниците од возот којшто е заглавен меѓу станиците на подземната железница на Паркот Победа и Славјанскиот Булевар. Се стравува дека бројот на загинати и повредени може да биде многу поголем. Патниците велат дека глетката била застрашувачка.

„Одеднаш се слушна силен удар, паднав, сите патници беа испалашени. Вагоните не беа многу полни но имаше доволно луѓе“, вели еден од патниците.

„Возот нагло запре, светлата се изгаснаа. Ние бевме блокирани“, додава друг.  

До инцидентот дошло бидејќи напонот на струјата нагло паднал, а машиновозачот морал веднаш да го сопре возот. Од Министерството за вонредни состојби на Русија ја потврдија информацијата.

„Евакуацијата на патниците почна веднаш по несреќата, досега се евакуирани над 50 луѓе“, велат од Министерството за вонредни состојби.

Московското метро е едно од најстарите и најбезбедните метроа во светот.

 

Марија Петковска