Овоштарство

Почна бербата на јаболкото

25.09.2024 08:18

Почна бербата на раните сорти на јаболко. Квалитетот е добар иако поради климатските промени родoт е помал за 40 проценти. Индустриското јаболко веќе се откупува по цена од 8 денари килограм, со можност за зголемување, а откупната цена за трпезното јаболко се движи од 18 до 22 денари за килограм …

Бербата на ресенското јаболко почна и пред официјалниот старт кој вообичаено е на крајот на септември.

Според проценките на овоштарите, две третини од производството се со висок квалитет, а другиот дел ќе биде за преработка поради климатските промени и големите разлики во температурите.

За откуп трговци плаќаат по 18 до 22 денари и 8 денари за килограм индустриско јаболко, но со можност за зголемување на цените во зависност од пазарните услови велат откупувачите.

Наскоро за собирање ќе стаса и ајдаредот кој е застапен на скоро 70 проценти од насадите.

Годинава се очекува да се наберат од 90 до 100.000 тони или скоро за 40 проценти помалку од вообичаено.

Јаболковите насади се на околу 5.900 хектари што е една третина од површините под овошки, со тренд на зголемување во последните години.

Една четвртина од вкупното производство се продава на домашниот пазар додека останатите 75 проценти се извезуваат.

 

Методија Трајков