Концерт

Групата Синтезис со концерт за 30-годишениот јубилеј

25.09.2024 09:08

Овој јубилеен концерт ќе биде кулминација на нивното триесетгодишно патешествие и ќе претставува незаборавен настан за македонската публика...

Групата Синтезис, еден од најзначајните амбасадори на македонската музика, денеска ќе го одбележи својот 30-годишен јубилеј со спектакуларен концерт во Македонската Филхармонија.

Со повеќе од 500 концерти одржани на сите континенти, Синтезис се докажа како најзначајниот извозен музички продукт од Македонија.

Тие настапувале во некои од најпрестижните концертни сали и фестивали ширум светот, каде што ја презентирале македонската музичка култура и традиција. Нивната мисија е да ја зачуваат македонската традиционална музика, но и да ја облагородат со нови музички форми и елементи кои ја прават релевантна за денешната публика.

Овој јубилеен концерт ќе биде кулминација на нивното триесетгодишно патешествие и ќе претставува незаборавен настан за македонската публика.

На јубилејниот концерт, заедно со своите гости, Синтезис ќе изведе дел од своите најпознати композиции кои го обележуваат нивниот пат низ годините, стои во соопштението од организаторите на концертот.

Формирана во 1995 година, Синтезис ја започна својата кариера со уникатна визија – да ја оживее и презентира македонската традиционална музика на современ начин. Нивниот прв албум, „ДД Синтезис“, беше објавен во 1996 година и веднаш предизвика позитивни реакции кај публиката и критиката.