Блиски Исток

Хезболах за првпат истрела балистичка ракета кон Тел Авив, Израел тврди ракетата била пресретната

25.09.2024 12:21

Хезболах за прв пат истрела балистичка ракета кон Тел Авив, цел на нападот бил МОСАД. Израел тврди ракетата била пресретната. Возвраќа со голема сила и широки напади врз цели на милитантите во Либан. Израел го турка регионот во тотална војна-обвинија Ирак, Египет и Јордан. Разочарувачки тонови и од Либан по прошталниот говор на Бајден пред Генералното собрание на ООН.

Хезболах за првпат истрела балистичка ракета кон Тел Авив, израелската одбрана ја пресретна. Милитантната група тврди-целеле кон седиштето на разузнавачката служба на МОСАД. Во најновиот ракетен бараж од Либан погодена е куќа во Сафед. Тел Авив возврати со голема сила, продолжувајќи со широките напади врз цели на Хезболах, меѓу нив и команданти на групата.

„Погодивме кат од зграда во која беше присутен командантот на Хезболах Ибрахим Кобеиси заедно со други команданти. Тој е одговорен за нападите врз Хаифа, вклучително и за ракетниот напад утринава. Денеска врз Израел беа истрелани 300 ракети. Шест цивили и војници беа повредени, од кои повеќето полесно“, изјави Даниел Хагари-портпарол на израелските сили.

Жителите на Израел вознемирени, но упатствата за цивилната одбрана останаа непроменети.

„Изутринава беше малку стресно кога се огласија сирените во првите две минути. Но еве сега, сè продолжи како и вообичаено“, изјави Маоз Ројтман – жител на Тел Авив.

„Ситуацијата е тешка, чувствуваме притисок. Ова трае премногу долго. Изутринава се потсетивме какво е чувството на север и југ“, изјави Хедва Фадлон – жителка на Тел Авив.

Во истовреме израелските авиони пресретнаа и беспилотно летало од Сирија. Нетанјаху вели дека ќе продолжи со нападите додека не ја постигне целта.

„Ќе продолжиме да го напаѓаме Хезболах. Му велам на народот на Либан: нашата војна не е со вас, нашата војна е со Хезболах. Насралах ве води на работ на бездната. Ви реков да ги евакулирате куќите. Ослободете се од контролата на Хезболах“, изјави Бенјамин Нетанјаху-премиер на Израел.

Израел го турка регионот во тотална војна, обвинија Ирак, Египет и Јордан осудувајќи ја израелската агресија врз Либан. Разочарувачки тонови и од Бејрут по прошталниот говор на Бајден пред Генералното собрание на ООН кој рече дека дури и ако ситуацијата ескалира, сепак е можно дипломатско решение.

„Тоа не беше силно и не ветува. Нема да го реши овој проблем. Но, сè уште се надевам дека САД се единствената земја што навистина може да направи разлика на Блискиот Исток, како и во поглед на Либан“, изјави Абдала Бохабиб – министер за надворешни работи на Либан.

Прекуграничното насилство меѓу Израел и Хезболах почна по војната во Газа по нападите од 7 октомври, а се разгоре откако по експлозиите на пејџери ширум Либан загинаа десетици луѓе, а стотици беа ранети.

 

Бојана Крстевски