Информатички науки

Потребна е поголема поддршка од државата за младите информатичари

25.09.2024 12:51

Во Охрид заврши Балканската олимпијада по информатика на која со сребрен медал се закити младиот македонски информатичар Дамјан Давков. Тоа покажува дека младите во земјава се талентирани, но за уште подобри резултати според професорите е потребна силна поддршка од државата...

Информатичките науки стануваат се попривлечни за младите во земјава за што потврда е податокот дека Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ од Скопје е најголемиот факултет при УКИМ. Она што охрабрува е што помеѓу учениците и студентите има многу талентирани млади лица кои рамноправно се носат со врсниците од регионот и пошироко.

Талентираните деца во државава имаат многу мала поддршка, поради тоа професорите сметаат дека таа треба да биде многу поголема, како што е во западните земји за тие да можат да бележат напредок.

„Кога талентираните ученици ќе утврдат и ќе видат дека државата се грижи за нив ќе имаат повисоко чувство дека државата направила многу и дека тие се должни кон државата да направат нешто. Дали ќе ги задржиме тука или ќе отидат во странство па ќе се вратат со уште поголемо знаење, ќе направат некој старт ап тука, ќе донесат некоја компанија која што работи во странство“, изјави проф. д-р. Миле Јованов, претседател на Здружението на информатичари на Македонија.

За младите изучувањето на информатиката не е само предизвик, туку и задоволство.

„Информатиката е прекрасна наука со која решаваме многу интересни проблеми кои можат да помогнат многу во развивањето на светот и едноставно интересни ми се, уживам во нивното решавање“, изјави Виктор Максимоски, ОСТУ „Гостивар“.

„Информатиката е многу убава наука, започнав да ја изучувам кога бев 5-ти клас и оттогаш се вљубив во неа и продолжувам со нејзиното изучување“, изјави Даниел Којнов, освојувач на златен медал-Бугарија.

Информатиката како наука е привлечна за младите, бидејќи е навлезена во секоја пора на општеството, гарантира побрзо вработување, можност за напредок и се разбира добра заработувачка.

 

Сашо Нелоски