Браќа Манаки

Кинематограферите зборуваат за своите филмови на 45. ИФФК „Браќа Манаки“

25.09.2024 13:57

Проекција на бројни филмови, презентации, панел дискусии, и работилници на 45. ИФФК „Браќа Манаки“. На секојдневните прес конференции кинематограферите го пренесуваат искуството од учеството на фестивалот и откриваат детали за филмовите со кои учествуваат на фестивалот. Од официјалната селекција за „Златна камера 300“, беше прикажан филмот „Хрониките на еден скитачки светец“, на аргентинскиот кинематографер Пабло Лозано. „Златна европска камера“ е новата селекција на европски филмови од земјите со низок продукциски капацитет, во која влезе и филмот „Осаменост“ на словачкиот кинематографер Душан Хусар …

Во тек е петтиот од седумте фестивалски денови, на интернационалниот фестивал, „Браќа Манаки“. Покрај бројни филмски проекции, секојдневно се одржуваат и работилници, мастер класови и прес-конференции со кинематограферите на кои ги споделуваат своите искуства.

Кинематограферот Пабло Лозано е познат по филмот „Хрониките на еден скитачки светец, од официјалната селекција за „Камера 300“, кој е добитник на наградата „Адам Јаух Хорн-Бловер“, исто така номиниран за најдобра кинематографија за наградата „Филмски независен дух“. Во филмот се зборува за една побожна жена, во едно аргентинско гратче, која сфатила дека доколку измисли дека доживеала чудо, би можеле да ја прогласат за светица. Но пред да објави дека чудото се случило, еден шокантен настан и ја покажува скриената магија на нејзиниот свет, притоа принудувајќи ја да го преиспита сето она што претходно го земала здраво за готово.

„Режисерот е растен како католик, и има големи познавања за католичката вера, така што целиот филм беше снимен со почитување на верата, и не добивме никакви негативни коментари за богохулење од страна на аргентинското население, филмот е одлично прифатен во Аргентина“, изјави Пабло Лозано-аргентински кинематографер.

„Златна европска камера“ е новата селекција на европски филмови од земјите со низок продукциски капацитет, во која влезе и филмот „Осаменост“, на чешкиот кинематограферот Душан Хусар, во кој станува збор за еден земјоделец кој живее мирен живот на село, но државата го принудува да го продаде својот дом, да остави се зад себе и да продолжи да живее во главниот град, каде што запознава 10-годишен доставувач на весници, а нивното пријателство ги менува и двајцата.

Хусар уште е познат и по филмовите „Чувствителна личност“, „Со полн гас“, „Доместик“, и други.

„Прекрасна беше локацијата Исланд, каде и да погледнеш можеш да снимаш, што за нас беше фасцинантно, а за нив секојдневие, затоа беше предизвик за мене да пронајдам смирени и мирни места кои ќе бидат реални и за нив и за нас, без да се стави акцентот само на најубавите места“, изјави Душан Хусар, словачки кинематографер.

Покрај тоа што е центар на филмските случувања Битола стана и единствениот град во светот, со патека на славните посветена на кинематограферите. До сега свечено се откриени 9 ѕвезди а во текот на наредните денови ќе бидат откриени сите 18.

 

Александра Максимовска