Блискиот Исток

Израелската одбрана ја пресретна балистичка ракета кон Тел Авив, истрелана од Хезболах

25.09.2024 14:38

Хезболах за прв пат истрела балистичка ракета кон Тел Авив, цел на нападот бил МОСАД. Израел тврди ракетата била пресретната. Возвраќа со голема сила и широки напади врз цели на милитантите во Либан. Израел го турка регионот во тотална војна-обвинија Ирак, Египет и Јордан. Разочарувачки тонови и од Либан по прошталниот говор на Бајден пред Генералното собрание на ООН.

Хезболах за првпат истрела балистичка ракета кон Тел Авив, израелската одбрана ја пресретна. Милитантната група тврди-целеле кон седиштето на разузнавачката служба на МОСАД. Во најновиот ракетен бараж од Либан погодена е куќа во Сафед. Тел Авив возврати со голема сила, продолжувајќи со широките напади врз цели на Хезболах, меѓу нив и команданти на групата.

„Погодивме кат од зграда во која беше присутен командантот на Хезболах Ибрахим Кобеиси заедно со други команданти. Тој е одговорен за нападите врз Хаифа, вклучително и за ракетниот напад утринава. Денеска врз Израел беа истрелани 300 ракети. Шест цивили и војници беа повредени, од кои повеќето полесно“, изјави Даниел Хагари -портпарол на израелските сили.

Во истовреме израелските авиони пресретнаа и беспилотно летало од Сирија. Нетанјаху вели дека ќе продолжи со нападите додека не ја постигне целта.

„Му велам на народот на Либан: нашата војна не е со вас, нашата војна е со Хезболах. Насралах ве води на работ на бездната. Ви реков да ги евакуирате куќите. Ослободете се од контролата на Хезболах“, изјави Бенјамин Нетанјаху -премиер на Израел.

Израел го турка регионот во тотална војна, обвинија Ирак, Египет и Јордан осудувајќи ја израелската агресија врз Либан. Разочарувачки тонови и од Бејрут по прошталниот говор на Бајден пред Генералното собрание на ООН кој рече дека дури и ако ситуацијата ескалира, сепак е можно дипломатско решение .

„Тоа не беше силно и не ветува. Нема да го реши овој проблем. Но, сè уште се надевам дека САД се единствената земја што навистина може да направи разлика на Блискиот Исток, како и во поглед на Либан“, изјави Абдала Бохабиб – министер за надворешни работи на Либан.

Прекуграничното насилство меѓу Израел и Хезболах почна по војната во Газа по нападите од 7 октомври, а се разгоре откако по експлозиите на пејџери ширум Либан загинаа десетици луѓе, а стотици беа ранети.

 

Бојана Крстевски