Владимир и Иман сведочат за ужасот од нападите со пејџери и воки-токи во Бејрут
Владимир Алексов и неговата сопруга Иман, велат, никогаш претходно не виделе за само два дена стотици мртви и илјадници повредени, најмногу, за жал, цивили. Меѓу нив доктори, медицински сестри инженери кои најчесто ги користат пејџерите...

Не пречекаа во својот дом во Скопје, каде штотуку пристигнаа од Бејрут. Со вознемиреност ни раскажаа за ужасот предизвикан од нападите со пејџери и воки-токи. Владимир Алексов и неговата сопруга Иман, велат, никогаш претходно не виделе за само два дена стотици мртви и илјадници повредени, најмногу, за жал, цивили. Меѓу нив доктори, медицински сестри инженери кои најчесто ги користат пејџерите.
Во Либан воки-токи користат речиси сите луѓе, но тажно е што најмногу настрадале деца.
И патувањето во земјава не било лесно. Кога сакале да го напуштат Либан, веќе многу компании ги откажале летовите. Тие и така имале во план да отпатуваат, но билетите им биле за подоцна, а компанијата која им ги издала имала забрана до 5-ти октомври.
Иман, чии сонародници се под закана за војна, се надева дека нема да се прошири повеќе, пред сè поради стратешката поставеност на Либан и напорите на меѓународната заедница. Но, сепак е резервирана во однос на постапките на Израел кој веќе ја прошири војната од јужната граница кон внатрешноста.
Фиљана Кока
