Македонија

Обвинение против Иљази, инспектори вршат финансиска контрола на Клиниката за токсикологија

25.09.2024 15:34

Јавното обвинителство поднесе обвинение против поранешната директорка на Клиниката за токсикологија. Осомничена е за злоупотреба на службената положба. Инспекциски тимови од Фондот за здравствено осигурување вршат финансиска контрола на клиниката. Актуелното раководство вели има информации за незаконско работење…

Поранешната организациска директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази заработи обвинение за злоупотреба на службената положба и овластување и ѝ се заканува казна затвор од шест месеци до три години. Според обвинението го оштетила буџетот на клиниката за околу 660 илјади денари. Истрагата покажала дека 17 лица што немале договори или воопшто не работеле на клиниката добивале надоместоци.

„Во мај годинава склучувала договори за дело со лицата за нивно работно ангажирање на клиниката, по што ретроактивно издавала платни налози со кои им исплаќала месечен надомест за нивен претходен наводен работен ангажман. На списокот додавала и лица со кои воопшто не бил склучен договор за дело и на кои, исто така, им се исплаќал надомест за наводно извршени работи“, пишува во соопштението на Основното јавно обвинителство.

Инспекциски тимови од Фондот за здравствено осигурување вршат финансиска контрола на клиниката. Актуелното раководство вели има информации за незаконско работење при набавка на скапи лекови и при други јавни набавки.

„Има лекови со поминат рок коишто се примани при истекот на рокот во голема количина и лекови кои се скапи. Има незаконитости при јавните набавки. Не сакам да шпекулирам, ќе почекаме тимот инспектори од Фондот за здравство да ја заврши својата работа, ние со нив контактираме само кога бараат помош од нас“, вели Андон Чибишев – директор на Клиниката за токсикологија.

Кривична пријава против Иљази полицијата поднесе во јули. Сомнеж за нејзино работење први изразија вработените кои алармираа дека на клиниката лица незаконски извршуваат работни задачи. И покрај тоа, тогашниот министер за здравство Илир Демири не ја разреши и ја бранеше дека работи законски.

Андријана Ѓурческа