Меркел: Република Македонија треба да стане членка на НАТО и ЕУ

15.07.2014 14:22

Kога е во прашање македонско-грчкиот спор околу името, Меркел изјави дека би требало да биде можно овој проблем да се реши конечно, потсетувајќи дека таа била запознаена со сите комбинации...

Република Македонија треба да стане членка на НАТО и ЕУ, изјави германската канцеларка Ангела Меркел на состанокот во Дубровник пред шефовите на земјите од Западен Балкан. Но, кога е во прашање македонско-грчкиот спор околу името, Меркел изјави дека би требало да биде можно овој проблем да се реши конечно, потсетувајќи дека таа била запознаена со сите комбинации околу името и дека никогаш повеќе не ќе можат да се измислуваат други имиња.

„Без компромис не ќе може да се реши проблемот, а компромисот значи дека сите страни истовремено треба да бидат незадоволни. Од компромисот не може да се очекува дека се ќе заврши со среќа. Кога сите се незадоволни на некој начин мора да се постигне компромис“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.

Инаку на самитот во Дубровник на кој присуствува и македонскиот претседател Ѓорге Иванов, на затворената седница ја информираше канцеларката Меркел за македонскиот поглед на проектот за проширување кон ЕУ и НАТО.

Како што дознаваме од Кабинетот на Претседателот, на овој собир тој ја изразил надежта дека Европскиот совет ќе ја донесе одлуката за пристапни преговори, имајќи ја предвид можноста за паралелно движење во интеграциите и надминувањето на билатералните проблеми, нешто што Република Македонија континуирано го бара.

 

Мирјана Василева, специјален дописник на МРТ од Дубровник