Блиски Исток

Израелската армија продолжува со напади врз цели на Хезболах во Либан

26.09.2024 08:52

Началникот на израелската војска изјави дека војниците треба да ги подготват чизмите и да влезат на непријателска територија. Решени сме да ги вратиме жителите во своите домови, изјави премиерот Нетанјаху...

Израелската армија продолжува со напади врз цели на Хезболах во Либан. Јужниот град Еилат мета на беспилотни летала. Се поизвесна копнена офанзива. Началникот на израелската војска изјави дека војниците треба да ги подготват чизмите и да влезат на непријателска територија. Решени сме да ги вратиме жителите во своите домови, изјави премиерот Нетанјаху.

„Регрутиравме две резервни бригади за оперативни мисии во северниот сектор кои ќе ни овозможат да ја продолжиме војната. Хезболах го прошири опсегот на огнот“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.

Сириската противвоздушна одбрана објави дека пресретнале израелски ракети над пристанишниот град Тартус, каде што се наоѓа руска воена база. Од почетокот на нападите на израелската војска во Либан, стотици лица загинаа, илјадници се ранети. Меѓународната заедница стравува дека конфликтот би можел да се рашири по целиот регион. Соединетите Држави ги водат новите дипломатски напори за ставање крај на непријателствата и во Газа и во Либан. Претседателот Џо Бајден рече дека САД се залагаат за 21-дневен прекин на огнот за преговори меѓу Израел и Хезболах.