свет

Меѓународната заедница со апел за смирување на тензиите на Блискиот Исток

26.09.2024 09:56

Од говорницата на ОН шефови на држави и влади со повик за смирување на тензиите на Блискиот Исток. Најавен план за 21-дневен прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах во Либан...

САД, ЕУ и сојузниците најавија заеднички план за 21-дневен прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах во Либан. Одлуката беше поздравена од либанските власти. Од говорницата на ООН шефови на држави и влади со повик за смирување на тензиите на Блискиот Исток.

„Нашата цел е јасна, да спречиме поширока војна за која веруваме дека не е во интерес на ниту една страна, ниту на народот на Израел, ниту на народот на Либан“, изјави Роберт А. Вуд, заменик-амбасадор на САД во ООН.

Францускиот претседател Макрон го повика Тел Авив да престане да ескалира, а Хезболах да ги запре непријателствата.

„Либанскиот народ ја отфрла војната, верува во стабилност и работи за иднината“, изјави Наџиб Микати, премиер на Либан.

„Не може да има војна во Либан. Затоа го повикуваме Израел да ја прекине оваа ескалација во Либан, и Хезболах да го прекине лансирањето проектили кон Израел. Војната што Израел ја води во Газа трае предолго. Десетици илјади цивилни жртви во Палестина не можат да се оправдаат“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

Од Иран велат дека внимателно ја следат ситуацијата, а за борбите директно прстот го вперија кон САД и сојузниците. Техеран се закани дека нема да остане рамнодушен во случај на тотална војна.

„Единствениот начин да се спречи понатамошна ескалација е јасен. Израел мора веднаш да ја прекине војната во Газа и неговите напади врз Либан мора да престанат. Без прекинот на огнот во Газа, нема да има гаранција за мир во регионот“, изјави Саид Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Од Пентагон велат дека ги водат новите дипломатски напори за ставање крај на непријателствата и во Газа и во Либан, поврзувајќи ги двата конфликта како дел од една единствена иницијатива.

„Кога станува збор за Либан, американската војска нема вмешаност во операциите на Израел. Ние не сакаме дејствија што би можеле да доведат до понатамошна ескалација во регионот. Сè уште веруваме дека има време и простор за дипломатија“, изјави Сабрина Синг, заменик, портпарол на Пентагон.

На фронтот, израелската армија продолжува со напади врз цели на Хезболах во Либан. Се стравува од копнена офанзива. Во меѓувреме, сириската противвоздушна одбрана објави дека пресретнале израелски ракети над пристанишниот град Тартус, каде што се наоѓа руска воена база. Од почетокот на нападите 600 лица загинаа, илјадници се ранети.

 

Маријана Димовска