Книжевна вечер

Книжевна вечер за Шопов и во Друштвото на словенечките писатели

26.09.2024 09:57

Организацијата на собирот инициран од Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана беше и во содејство со Друштвото на словенечките книжевни преведувачи коешто го чува споменот за Шопов не само како поет, туку и како еден од најголемите не само македонски, туку и југословенски книжевни преведувачи ...

„Златен круг на времето“ продолжува да го привлекува интересот на словенечката културна јавност. Обемниот избор од поетското творештво на Ацо Шопов што неодамна беше објавен во Словенија и што веќе беше промовиран во Љубљана беше повод и за книжевна вечер посветена на македонскиот класик и на Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ во Друштвото на словенечките писатели.

Како што беше посочено на настанот, по објавувањето на вакво значајно издание, ова е и долг кон Шопов затоа што тој, преку книжевниот превод е најзаслужниот од првата генерација македонски повоени писатели за афирмација на словенечката книжевност во Македонија, но и македонски поет за чиешто творештво има исклучително голем интерес во словенечката културна средина децении наназад.

Организацијата на собирот инициран од Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана беше и во содејство со Друштвото на словенечките книжевни преведувачи коешто го чува споменот за Шопов не само како поет, туку и како еден од најголемите не само македонски, туку и југословенски книжевни преведувачи – прв од поранешната Југославија што ја има добиено највисоката државна награда за превод и тоа за Шекспировиот „Хамлет“, за што во 1970 година словенечките медиуми известуваат како голема гордост за Македонија.