Повици за примирје помеѓу Израел и Хезболах
Криза на Блискиот Исток. САД, ЕУ и сојузниците бараат 21-дневно примирје помеѓу Израел и Хезболах за да се спречи општа војна во Либан. Тел Авив ги продолжува нападите, Иран предупреди дека нема да остане рамнодушен во такво сценарио. Во тек дипломатски напори да се избегне најцрното сценарио.

Израелската армија е овластена да продолжи да удира со полна сила врз Хезболах, а ќе продолжат и борбите во Газа, додека не се постигнат целите на војната, тврдат од израелскиот кабинет. Властите ги демантираат извештаите дека премиерот Нетанјаху се согласил на привремен прекин на огнот во Либан откако САД, ЕУ и сојузниците најавија заеднички план за примирје од 21 ден. Од говорницата на ООН шефови на држави и влади со повици за смирување на тензиите на Блискиот Исток.
„Нашата цел е јасна, да спречиме поширока војна за која веруваме дека не е во интерес на ниту една страна, ниту на народот на Израел, ниту на народот на Либан“, изјави Роберт А. Вуд, заменик-амбасадор на САД во ООН.
Францускиот претседател Макрон побара Тел Авив да престане да ескалира, а Хезболах да ги запре непријателствата.
„Либанскиот народ ја отфрла војната, верува во стабилност и работи за иднината“, изјави Наџиб Микати, премиер на Либан.
„Не може да има војна во Либан. Затоа го повикуваме Израел да ја прекине оваа ескалација во Либан, и Хезболах да го прекине лансирањето проектили кон Израел. Војната што Израел ја води во Газа трае предолго. Десетици илјади цивилни жртви во Палестина не можат да се оправдаат“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Од Иран велат дека внимателно ја следат ситуацијата, а за борбите директно прстот го вперија кон САД и сојузниците. Техеран се закани дека нема да остане рамнодушен во случај на тотална војна.
„Единствениот начин да се спречи понатамошна ескалација е јасен. Израел мора веднаш да ја прекине војната во Газа и неговите напади врз Либан мора да престанат. Без прекинот на огнот во Газа, нема да има гаранција за мир во регионот“, изјави Саид Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Од Пентагон велат дека ги водат новите дипломатски напори за ставање крај на непријателствата и во Газа и во Либан, поврзувајќи ги двата конфликта како дел од една единствена иницијатива.
„Кога станува збор за Либан, американската војска нема вмешаност во операциите на Израел. Ние не сакаме дејствија што би можеле да доведат до понатамошна ескалација во регионот. Сè уште веруваме дека има време и простор за дипломатија“, изјави Сабрина Синг, заменик, портпарол на Пентагон.
Од почетокот на нападите меѓу Израел и Хезболах 600 лица загинаа, илјадници се ранети. Во меѓувреме, сириската противвоздушна одбрана објави дека пресретнале израелски ракети над пристанишниот град Тартус, каде што се наоѓа руска воена база.
Маријана Димовска
