Субвенции

Нова ера во македонската класична музика

15.07.2014 14:47

На првиот конкурс за 2014 година за нарачка на дела од областа на класичната музика доделени 23 награди. До Министерството за култура се поднесени 36 апликации. За програмата за поттикнување на домашното музичко творештво од областа на класичната музика Министерството за култура секоја година ќе издвојува по 6 милиони денари.

Нова ера во македонската класика, создавање на дела за специфични ансамбли, мандолински и дувачки оркестри, биг бендови, хорски ансамбли за кои во изминативе години речиси и не се создаваше. Поттик и за нови музички форми кои се во тек со европските музички трендови.на првиот конкурс се доделени 23 награди.

„9 први награди со вкупен износ од 785 илјади денари, 9 втори награди со вкупен износ од 640 илјади денари и 5 трети награди со вкупен износ од 365 илјади денари“, вели министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска.

Годинава немало интерес за категориите-композиции за женски хор и творби кои се наменети за камерен состав за три или 4 инструменти според слободен избор. за вреднување на пристигнатите дела биле формирани 9 посебни комисии кои ги запазиле највисоките критериуми за оценување.

„Преку сите овие мерки на Министерството за култура имаме можност да инвестираме во сопствената музичка култура, не само во музичкото творештво“, вели Сони Петровски , претседател на СОКОМ.

„Оваа иницијатива е уникатна владина поддршка за современата музика во 21 век“, рече Роберт Саздов, добитник на награда.

Вториот конкурсен рок годинава за поддршка на поголемите вокално инструментални форми како што се концерт, ораториум, опера,завршува на 15 ноември а резултатите ќе бидат објавени на 15 ти декември.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска