Жан Клод Јункер е избран за претседател на Европската комисија

15.07.2014 14:56

Поранешниот луксембуршки премиер Жан-Клод Јункер е избран за претседател на Европската комисија, откако го доби потребното мнозинство во Европскиот парламент. Но како што рече пред европратениците, под неговото претседателство со Комисија, нема да има ново проширување на ЕУ во наредните пет години...

Од вкупно 751 европартеници во денешеното тајно гласање зедоа учество 729 европратеници. За Жан-Клод Јункер гласаа 422 европратеници, 250 беа против, а притоа 47 гласачки ливчиња биле неважечки или воздржани. Тој ја доби поддршката на широката коалиција на европратениците од десницата, социјалистите и либералите, додека против гласаа евроскептиците и еврофобите.

Пред европратениците во Стразбур Жан-Клод Јункер потврди дека ниту една нова земја нема да и се приклучи на Европската Унија во текот на петте години од неговиот мандат, иако таа останува отворена за земјите од Балканот.

Во идните пет години нема да има нови членови во Европската Унија. Во сегашнава перспектива е незамисливо да една земја кандидат со која ние преговараме ги исполни сите услови за членство пред 2018 година. Сепак преговорите ќе продолжат. И други европски земји имаат потреба од кредибилна европска перспектива, ова вреди пред сé за земјите од Западен Балкан, бидејќи овај регион на трагедии во Европа има потреба од таа европска перспектива за која тежнеат граѓаните на овие земји, рече Јункер во говорот пред Европскиот парламент во Стразбур.

Со ова поранешниот луксембуршки премиер само го потврди она за што се зборува веќе подолго време – забавување на процесот на проширување по приемот на Хрватска во 2013 година.

Инаку програмата на Жан-Клод Јункер е насловена „Нов почеток за Европа: мојата агенда за вработување, развој, правда и демократски промени“, таа содржи десет страници со десет политички приоритети на Европската комисија“. Главната и најспектакуларна точка е мобилизацијата на 300 милјарди евра за инвестиции.

Дискусијата помина и со мал инцидент откако претседателот на ЕП Мартин Шулц го отстатрни од сесијата грчкиот европратеник Констатинос Пападакис од редовите на комунистите, кој сакаше да зборува пред Марин Ле Пен.

Тони Гламчевски