Јаневска: Националните програми за високо образование и научно-истражувачка дејност ќе бидат патоказ за идно делување
Мора да профункционираат вистински Одборот за акредитација и Одборот за евалуација, за да обезбедат рационализација на високообразовните установи...

Програмата за високо образование недвосмислено посочува дека потребни се подобри услови за настава, поголем ангажман на наставниот и научниот кадар, повеќе финансии и нова формула за финансирање и секако, интервенции во законската регулатива. Мора да профункционираат вистински Одборот за акредитација и Одборот за евалуација, за да обезбедат рационализација на високообразовните установи.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на презентацијата и дебатата за нацрт верзиите на националните програми за високото образование и научно-истражувачката дејност, кои беа изработени од страна на Националниот совет за високо образовани и научно-истражувачка дејност.
„Главни актери во целокупните промени мора да бидат студентите и оттука, драго ми е што предлог-програмата за високо образование се осврнува на начинот на нивното организирање, студентскиот стандард, како и студентската мобилност“, изјави министерката.
Во поглед на науката и научно-истражувачката дејност, Јаневска истакна дека досега државата не одвојувала доволно средства за наука.
Изразувајќи благодарност до сите членови на Националниот совет за високо образование и научно истражувачка дејност и сите останати соработници за вложениот труд во изработката на овие два стратешки документи, Јаневска истакна дека тие се своевиден патоказ за креирањето на идните политики за осовременување на високото образование и научно-истражувачката дејност во земјава.
На презентацијата на Предлог – Програмите, присуствуваа и претседателката на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, проф. д-р Гордана Лажетиќ, ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна, проф. д-р Миле Маркоски, членовите на Националниот совет, како и професори, асистенти и студенти.
